Ултразвучниот (ехо) преглед на колковите кај специјалист ортопед е поефикасен начин за рано откривање развојна дисплазија на колкот во споредба со класичниот физикален преглед.
Развојната дисплазија на колкот кај новороденчиња и доенчиња може лесно да се спречи и во 95% од случаите успешно да се лекува САМО АКО се открие рано и на време.
Новороденчето, освен во родилиште, треба да биде прегледано и на возраст од:
- 6 недели
- 4 месеци и
- по проодувањето
Дали знаевте дека…?
- приближно 1 на 1,000 деца се раѓа со изместен (дислоциран) колк, а 10 во 1,000 може да имаат сублуксација
- развојната дисплазија на колкот засега 1 на секои 600 девојчиња и 1 на секои 3000 момчиња, при што левиот колк е засегнат 3 пати почесто отколку десниот
- останатите ризик фактори вклучуваат: фамилијарно наследување и карлична презентација на плодот
Развојната дисплазија на колкот е вообичаена состојба кај децата која може лесно да се спречи. За жал, задоцнетата дијагноза на оваа состојба придонесува за многу повисок ризик од хируршка интервенција и доживотни компликации.
Зошто е тешко да се дијагностицира развојна дисплазија на колкот подоцна во животот?
Затоа што не боли и без ултразвучен (ехо) преглед може да биде тешко да се дијагностицира кај новороденчиња и доенчиња. Први кои вообичаено го забележуваат проблемот се родителите, бабите или дедовците според начинот на кој детето оди.
Како изгледа ултразвучниот преглед на колкови кај новороденчиња и доенчиња?
Докторот ќе побара да го соблечете малото и да ја отстраните пелената. Детенцето ќе биде поставено на масата за преглед на грбче или на страна, како на сликата. Прегледот вообичаено трае околу 20-тина минути. Вообичаено, се прегледуваат двата колкови за споредба.
Би било одлично ако може да го нахраните бебенцето непосредно пред прегледот, во нашата чекалница или некоја од помошните простории во ординацијата. За време на тестот, обично родителите ги смируваат бебчињата со нежен и тивок глас или со пеење на нивната омилена песна. Најбитно е да стоите покрај него така што да може постојано да го гледа Вашето лице.