Кај пациенти со адолесцентна идиопатска сколиоза (АИС)
Адолесцентната идиопатска сколиоза (АИС) е најчестиот облик на сколиоза. АИС е најчеста причина за физикална терапија кај адолесценти.
Се смета дека АИС влијае врз постуралната стабилност и шаблоните за одење поради нејзиниот ефект за поместување на центарот од телесната тежина. Сепак, основните механизми што го поврзуваат искривувањето на ‘рбетот кај АИС со карактеристиките на стапалото во мирување и при одење остануваат не до крај разјаснети. Докажано е дека постојат разлики во кинетичките и кинематските параметри на долните екстремитети кај адолесценти со АИС во тек на одење.
Карактеристиките на одењето би требало редовно да се користат за да се потврди статусот на подвижност кај пациенти со АИС. Сепак, постојат многу малку клинички истражувања кои се фокусираат на корелацијата помеѓу притисокот на стапалото и центарот на притисок (COP) кај пациенти со АИС.
За првпат во Македонија и на Балканот, GPS Postural Labs LEONARDO (Chinesport, Италија) за анализа на статиката и динамиката на телото и скен на стапалата е стациониран во просториите на ПЗУ„Белиот Цвет“ – во склоп на амбулантите за ортопедија и интервенции, како посебна амбуланта за постурална анализа т.н. постурална лабораторија.
Leonardo овозможува споредба на карактеристиките на одење кај адолесценти со лесна, умерена или тешка АИС преку постурална анализа и одредување на плантарниот притисок на стапалата, во корелација со возраста, полот, индексот на телесна тежина, постуралниот индекс на стапалото (FPI), индексот на сводот од стапалото (AI) и брзината на одење.
Постуралните аномалии влијаат врз плантарниот притисок на стапалата кај пациенти со АИС.
Умерената и тешка АИС има значително влијание врз карактеристиките на одење, додека лесната АИС нема. Оттука, раната интервенција може да спречи функционални дефицити и напредување кон умерена или тешка состојба.
Изработката на индивидуална ортопедска влошка може да ја коригира распределбата на плантарниот притисок кај пациенти со АИС.
Воедно, Leonardo овозможува дизајнирање на координативен локомоторен тренинг за распределба на притисокот врз стапалата и подобра рамнотежа кај пациентите со сколиоза воопшто, со позитивен ефект врз изведување на секојдневните активности во исправена положба.